Обука за родители - Kако да се израсне здраво и исполнето дете во модерно време?

Една од најсложените улоги кои ги имаме во животот е улогата на родител. Секојдневната динамика испреплетена со постојано брзање, потрага по успех, нерешливи потешкотии, неизвесност итн. сè повеќе нè оддалечува од хармоничниот природен однос на семејно функционирање со нашите поколенија. Иако навидум сме присутни, сепак сè почесто времето поминато дома го структурираме со повлекување во себе и тивко планирање на следниот ден, недела, година и сл. Потребата од работа на себе и едукација во оваа насока произлегува од можноста да бидеме поефикасни во повеќето улоги кои ги имаме, а тоа да доаѓа спонтано и да доведе до задоволство на секој член од семејството. Сепак најголемата добивка би ја имале децата кои како наши наследници соодветно и со подобар квалитет во секој аспект би се справиле со предизвикот на живеењето.

Оваа програма се очекува да даде поддршка во поквалитетно функционирање како родители, професионалци, пријатели, брачни партнери и останати улоги кои приватно и професионално ги извршуваме.

Програмата е наменета за родители на деца од 0 до 20 години

Приказни од праксата - причини поради кои досегашните слушатели одлучиле да се приклучат кон обуката:   

  • Дали на детето да му бидам родител или другар?
  • Сите деца имаат телефони во 3то одделение, дали и јас да му купам на моето, иако не се согласувам со тоа?
  • Како да имам контрола врз тоа што моето дете го гледа/игра на телефон?
  • Дали треба да ги прифатам вредностите на новото време?
  • Што да направам за детето да не биде по цел ден на телефон/таблет?
  • Како да спречам да ги пренесам моите стравови на моите деца?
  • Како да имам доверба во моето дете?
  • Како да му помогнам на детето да почне да се дружи со други деца?
  • Чувствувам огромна грижа на совеста зошто работам до доцна и немам многу време да се дружам со децата.
  • Моето дете нема самодоверба.. немам ни јас.
  • Се разведувам и барам начин да ги заштитам децата во тој процес.
  • Дали децата ќе бидат посреќни кога ќе пораснат ако сега сум попустлив родител?
  • Моето дете може да има сѐ што ќе посака, но тоа нема желби.
  • Јас знам што е најдобро за моето дете (знам подобро и од него).
  • Се плашам детето да не отиде по погрешен пат.
  • Правиме сѐ за детето да е среќно, но тоа вика дека е несреќно.
  • Како да го мотивирам детето да почитува правила?

Иако акцентот е ставен на родителството, сепак единствено ако направиме промена кај самите себе, ќе бидеме и подобри родители кои успешно ги надградуваат потенцијалите на своите деца и формираат здрава, успешна и среќна иднина. Преку оваа програма ќе научиме како да го претвориме родителството во убава игра која води кон развој и просперитет на децата. Како да го искористат својот потенцијал, како успешно да го канализираат и да бидат задоволни од себе, а и ние како родители.

Овие сесии се предводени од Деспина Стојановска системски семеен советник, која има повеќегодишно работно искуство во областа на психологијата и психотерапијата како психотерапевт, предавач, фасилитатор и модератор на фокус групи.

Праксата како психотерапевт ја карактеризира со стотици задоволни клиенти од индивидуални, брачни, семејни и групни советувања. Често може да се сретнат нејзини текстови во различни списанија и портали каде пишува колумни во рубрики наменети за психологија. Повеќе од 4 години е редовен психолог во контактна утринска програма на национален медиум.

Поседува државна Лиценца за работа како психолог издадена од Комората на психолози на РМ; Сертификат за професионален обучувач на возрасни; Европски сертификат за Системски Семеен советник и др.

Дополнителна вредност: за сите кои ќе бидат дел од оваа програма следува попуст на индивидуални психотерапевтски сесии со Деспина Стојановска.

Овој пакет е составен од 5 модули кои пружаат 5 месеци поддршка.

  • Можност за плаќање на рати:
  • Mожност за плаќање на рати, со кредитна картичка од било која банка
  • Можност за плаќање до 24 рати, со дебитна картичка на Комерцијална Банка
  • Можност за плаќање на 6 рати со Дајнерс
  • Можност за плаќање до 12 рати со потпишување на нотар

 Во продолжение ќе ја најдете содржината за секој од модулите, како и начинот на работа и цели кои треба да се исполнат со завршубањето на секој од модулите

МОДУЛ 1 Родителски стилови

Содржина

Во овој модул ќе се зборува за видови родители, нивните јаки и слаби страни. Ќе бидат опфатени три стила на родители: авторитативни, попустливи и демократски, како и нивните комбинации. Ќе се потенцираат можностите кои секој од нив ги нуди, но и предизвиците и ризиците со кои се соочува. Ќе се обработуваат приказни на успешни сценарија и низ интерактивна работа ќе се дискутира за начинот на кој тоа го постигнале и од која позиција на родител. Се очекува после овој модул секој од присутните да стекне увид во сопствениот стил на родителствување и да воочи каде и на кој начин би било потребно да направи промена доколку тоа е потребно.

Tехника за работа

  • Интерактивна работа;
  • Проективни техники за родителство;
  • Вежби за самопроцена поврзани со родителство;
  • Цртеж на семејство и негова анализа.

Цел на модулот

Основна цел на модулот е подигнување на свесноста кај присутните во поглед на нивното родителство, категоризација на сопствениот родителски стил во понудените форми и стекнување нови начини за надминување на потешкотиите во односот со децата.

МОДУЛ 2: 12 несвесни забрани за родители

Cодржина

Несвесниот дел од нашето функционирање во најголема мера го одредува патот по кој се движиме. Во оваа насока потребно е да стекнеме увид какви несвесни забрани и дозволи им пренесуваме на нашите деца, кои потоа ги водат низ животот во секое поле. Ќе се обработуваат 12 несвесни забрани меѓу кои најопфатени ќе бидат: немој да успееш; немој да мислиш; не биди важен; не биди близок; немој да припаѓаш итн. Секоја од забраните има удел во нашите одлуки, цели, препреки со кои се соочуваме, начинот на кој реагираме и се справуваме со предизвиците. Низ работилница ќе се разгледуваат начините на кои ги усвојуваме забраните, како ги пренесуваме и ќе бидат понудени можности за трансформирање на забраните во дозволи.

Tехника за работа

  • Интерактивна работа во група;
  • Прашалници за самопроцена на постоење на несвесните забрани;
  • Разработка на примери за деструктивното влијание на забраните кои ги формираме кај своите деца;
  • Вежба за трансформација на забраните во дозволи.

Цел на модулот

Подигнување на нивото на свесност за постоењето на дисфункционални, несвесни забрани кај присутните и како основна цел се поставува стекнување умешност забраните да се трансформираат во дозволи во процесот на пренесување кон сопственото дете.

МОДУЛ 3: Животно сценарио

Содржина

Животното сценарио е несвесен план конструиран во детството кој личноста има впечаток дека „мора“ да го следи. Ваквиот план може да биде победнички, губитнички или банален. Разликата е во доживувањата на задоволство и среќа додека ги остваруваме сопствените поставени цели. Во текот на животот несвесното сценарио може да се промени, а исто така човекот може да функционира низ различни сценарија анализирајќи повеќе полиња и аспекти на делување.

Tехника за работа

  • Интерактивна работа;
  • Разработка низ вежби на трите основни форми на животно сценарио;
  • Самопроценка на сопствено сценарио

Цел на модулот

Целта на овој модул ќе биде учесниците да умеат да го препознаат сопственото животно сценарио, но исто така и да видат какво сценарио пренесуваат на своите деца и дали имаат можност за промена доколку е потребно.

МОДУЛ 4: Реалистичко размислување

Содржина

Соочувањето со сопствениот начин на гледање кон реалноста е предуслов за да изградиме успешен и соодветен модел на поглед кон светот и кај нашите деца. На овој модул ќе бидат опфатени начините на кои им го претставуваме светот на децата преку искреност и доверба. Ќе се зборува за тоа колку е потребно да бидеме отворени и искрени во поглед на сопствените чувства, сопствените грешки и на кој начин да ја кажеме вистината. После овој модул се очекува родителите да се охрабрат да ги подготвуваат своите деца на реален, очекуван резултат во поглед на нивниот ангажман во одредено поле.

Техника за работа

  • Проективни техники;
  • Анализа на детски приказни преку пораката која ја пренесуваат;
  • Анализа на поговорки кои се често користени во рамки на семејството;
  • Екстернализирање на грешни постапки;
  • Преврамување.

Цел на модулот

Целта на овој модул е да се увиди потребата од страна на родителите за развој на квалитетен вредносен систем кај сопствените деца во поглед на реален став кон светот и пронаоѓање на најсоодветен начин за успешност во истиот.

МОДУЛ 5: Очекувања и пренесување на очекувањата

Содржина

Децата ги воспитуваме во согласност со нашиот вредносен систем преку очекувањата кои ги имаме од нив и во насока како да ги исполнат. Многу често тие очекувања го одредуваат патот на несвесното сценарио и ги инхибираат децата да бидат тоа што во суштина се. На овој модул ќе бидат обработени очекувањата кои ги пренесуваме, а потоа стануваат двигатели на однесувањето на нашите деца. Тие се: биди совршен; биди силен; напорно работи – труди се; угодувај на другите и побрзај

Техника за работа

  • Интерактивна работа;
  • Разработка на лични,
  • споделени примери во однос на очекувањата од своите деца;
  • Анализа на секојдневни,
  • несвесно пренесени очекувања;
  • Преврамување

Цел на модулот

Целта на овој модул е родителите да станат свесни за тоа какви очекувања пренесуваат кон своите деца, како истите влијаат на нив и како парадоксално може да делуваат.

Форма за пријавување за обуки

v