Актуелно

Интервју со г-дин Александар Папеш, генерален директор на Вурт Македонија

Интервју со г-дин Александар Папеш, генерален директор на Вурт Македонија

Клиар Вју БТЦ претставува дел од нашите почитувани клиенти и истакнати менаџери. Прв од серијата го претставуваме г-дин Александар Папеш, генерален директор на Вурт Македонија. Г-дин Папеш открива совети од неговото искуство на водење на Вурт Македонија, како компанија која 20 години успешно оперира на македонскиот пазар.

 

 

1.     Опишете добар менаџер со 5 збора

Не е воопшто лесно да се дефинира со само 5 збора. Едно е сосема сигурно: упорноста и истрајноста се најзначајни, покрај вообичаените како визија за сопствениот бизнис и умешност да се стане препознатлив и баран... Тоа е како да учествувате во натпревар на кој сакате да победите. Едиствено што овој натпревар има правила, но нема време кога тој завршува (фудбалот – за 90 минути; ракометот – за 1 час; тениски меч – 2 до 3 часа...).

 

Натпреварот во бизнисот никогаш не завршува! Еднаш кога ќе се вклучите во него, останувате постојано!

 

2.       Три работи на кои сте особено горди во Wurth?

Луѓето, тимот и вработените.

Изгледа можеби често користена фраза, но е навистина точна. Не постои ниту една успешна компанија во светот која не е исполнета со посветени, компетентни, енергични и мотивирани луѓе. Само постојаното тежнеење тимот да се развива и напредува ги зголемува бројот на задоволни корисници на нашите продукти и услуги се’ поголем.

 

3.       Рецепт за успешно водење бизнис во МК

- Да се биде поуспешен и поупорен од сличните на вас во остатокот од светот. Да се биде успешен во економски услови исполнети со бројни предизвици ве прави секако успешен во поуредени пазарни и други услови. Затоа, сите оние кои успеале во Македонија се посакувани партнери и соработници и надвор од границите.

4.       Најголем предизвик до сега ми беше...

Создавањето на атмосфера на взамена доверба и посветеност во градењето на успешна компанија. Тоа не може да биде заслуга ниту цел на еден човек во ниту една компанија. Колку повеќе приврзаници ја поддржуваат ваквата цел, толку таа е достижна во покус рок. 

5.       Кон што е насочено Вашето внимание во моментов?

Да се биде подобар од другите е цел која многумина ја поставуваат. Да се биде подобар од себе самиот е сигурно предизвик кој нема завршеток. Можете постојано да се усовршувате, напредувате, подобрувате... Како што веќе споменав – потребна е посветеност и упорност. Оваа 2015 е многу значајна година за нас. Пред само еден месец одбележавме 70 години од основањето на првата компанија на Würth во Германија – веднаш по Втората Светска Војна. Од тогаш наваму, благодарение на Проф. Рајнхолд Вурт, Групацијата прераснува во една од најголемите и најуспешни приказни во современа Германија и во светот – со преку 400 компании во 80 земји, каде 66.000 вработени секојдневно нудат врвни услуги и артикли на преку 3.000.000 корисници и компании. Така е и во Македонија во изминатите 20 години. Така, и уште подобро, ќе биде и во наредните години.

 

 


назад